Новиот командант на руските сили во Украина, Сергеј Суровикин, призна денеска дека воената ситуација во Украина е „напната“, особено околу окупираниот јужен град Херсон.

– Генерално, ситуацијата во областа на специјалната воена операција може да се дефинира како напната, рече тој во интервју за државната телевизија Россија 24.

– Непријателот не се откажува од обидите да ги нападне позициите на руските трупи, рече Суровикин. Според него, ова првенствено се однесува на секторите Купјанск, Лиман и Николаев-Криви Рих.

Тој рече дека руската група во Украина не настојува да напредува со големо темпо, туку методично го „меле“ непријателот, пренесе ТАСС.

– Нашата стратегија е поинаква. Врховниот командант веќе зборуваше за ова. Ние не се стремиме кон високо темпо на напредување, ние го чуваме секој војник и методично го „мелеме“ непријателот што напредува, рече тој.

Генералот Суровикин тврди дека вооружените сили на Украина секојдневно губат од 600 до 1.000 убиени и ранети луѓе.