Рускиот новинар Дмитриј Муратов денеска најави дека ќе го донира медалот на Нобеловата награда за мир, што ја доби минатата година, за да биде продаден на аукција за собирање средства за помош на украинските бегалци.
Во независниот весник „Новаја газета“, во кој тој е главен уредник, Муратов ги повика луѓето „да споделат со бегалците, ранетите и децата на кои им треба итно лекување она што им е вредно, а што има вредност и за другите“.
Тој побара помош од аукциските куќи за организирање на продажбата.
Муратов минатата година ја подели Нобеловата награда за мир со филипинската новинарка Марија Реса.
Тој рече дека својот дел од парите ќе го подари во добротворни цели, меѓу другото за независните медиуми, домот за изнемоштени во Москва и деца со спинални проблеми.