Не е битно дали можеше да се спречи војната во Украина, бидејќи договорите од Минск од 2014 година ѝ дале на земјата време да се развие во последните години, им рекла Ангела Меркел, некогашната германска канцеларка на руските комичари Вован и Лексус. Меркел мислела дека од другата страна на телефонот е Петро Порошенко, поранешниот украински претседател, jaвува АсошиејтедПрес.

Меркел на почетокот од разговорот побарала од „Порошенко“ да го чува во тајност нивниот разговор. Таа одбила да зборува на руски велејќи дека нејзиниот руски станал уште полош од 2014 година. За договорите од Минск, кои беа потпишани во текот на нејзинот владеење таа рекла:

– Дали таа (специјалната воена операција) можеше да се спречи или не? Ова прашање повеќе не е релевантно – изјавила Меркел, додавајќи дека, според неа, договорите од Минск ѝ дале на Украина повеќе време „да се развие во периодот меѓу 2014 и 2021 година“.

Меркел смета дека претседателите на САД и Франција, како и актуелниот германски канцелар Олаф Шолц, покажуваат консензус во однос на Украина. Таа понатаму истакнала дека Франција и Германија „комуницираат многу активно со САД“.