Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека одлуката на Кина да испрати оружје во Русија ќе има „сериозни последици“ за односите меѓу двете велесили.

„Постојат различни видови на смртоносна помош што Пекинг размислува да ги испрати“, рече Блинкен во интервју за Ен-Би-Си, додавајќи дека Вашингтон наскоро ќе објави повеќе детали за тоа.

Блинкен и највисокиот кинески дипломат Ванг Џи се сретнаа на маргините на безбедносната конференција во Минхен во саботата, неколку часа откако Ванг рече дека Вашингтон постапил „хистерично“ при соборувањето на кинескиот балон.

Блинкен рече дека Ванг не се извинил за кинескиот балон што влегол во воздушниот простор на САД, пренесува Бета.

Ванг Џи, директор на Централниот комитет за надворешни работи на Комунистичката партија на Кина, одговори дека Кина никогаш нема да го прифати притисокот и заканите на Вашингтон во однос на руско-кинеските односи.

Највисокиот кинески дипломат истакна дека руско-кинеските односи на сеопфатно партнерство и стратешка интеракција се внатрешно прашање на две суверени, независни држави.

Тој истакна дека Кина отсекогаш играла конструктивна улога во прашањето за Украина, поддржувајќи го мирот и преговорите.

„САД, како голема сила, треба да промовираат политичко решение за кризата, наместо да долеваат масло на огнот и да ја искористат можноста“, рече Ванг Џи, пренесе Политика.рс.