Повеќето енофили веруваат дека пенливото вино се нарекува „шампањ“ само ако потекнува од истоимената област во Франција, и ако се произведува според одредени прописи. Но, нов закон во Русија го наведува спротивното… Тој збор таму отсега може да се користи само за руското пенливо вино.

Уште од советско време, „шампањско“ се користи како општ поим за пенливи вина, од коишто некои, спротивно на луксузниот француски оригинал, се продаваат и за само 150 рубљи (околу 100 македонски денари). Законот предизвика спорови, па францускиот производител на вина „Мое-Енеси“ вчера објави и дека ја прекинува испораката на шампањ во Русија.

– Овие одредби доведоа до привремено суспендирање на испораките на производи за да се процени влијанието на новиот закон, изјави гласноговорничката на „Мое-Енеси“, Ан Катерин Гримал, според руските медиуми.

И раководителот на една од најголемите руски винарии смета дека новиот закон е, можеби, претеран…

– За мене, нема сомнение дека вистинскиот шампањ доаѓа од околијата Шампањ во Франција. Важно да се заштитат руските вина на домашниот пазар и да им се обезбеди сеопфатно покровителство. Но, преземените законски мерки мора да бидат паметни и да не бидат во спротивност со здравиот разум, изјави Павел Титов, претседател на „Абро-Дијурсо“.