Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска им нареди на московските трупи да се повлечат од градот Херсон во јужна Украина, кон кој украинските сили напредуваат со недели.
„Започнете да ги повлекувате војниците“, рече Шојгу за време на телевизискиот состанок со рускиот командант во Украина, Сергеј Суровикин, кој рече дека предложил „тешка одлука“ за повлекување од Херсон и поставување одбрана на левиот брег на реката Днепар.
Како што пренесуваат странските агенции, најавата на рускиот министер би претставувала едно од најзначајните руски повлекувања и потенцијална пресвртница во војната што трае речиси девет месеци.
Рускиот генерал Сергеј Суровикин во изјава за руски медиуми нагласи дека веќе не е можно да се снабдува Херсон. Тој додаде дека предложил воспоставување одбранбени линии на источниот брег на реката Днепар.
Руската одлука уследи по неколкунеделното напредување на украинските сили во градот и руските напори за евакуација на повеќе од 100.000 жители на Херсон.
„Ќе ги спасиме животите на нашите војници и борбената способност на нашите единици. Залудно е нивното држење на десниот (западниот) брег. Некои од нив може да бидат на други фронтови“, рече Суровикин.
Пред неколку недели, украинските сили започнаа офанзива за ослободување на Херсон, единствениот украински провинциски центар окупиран од руските сили по почетокот на инвазијата на Украина во февруари.
Областа околу Херсон е единствената територија под руска контрола на западниот брег на Днепар.
Подољак: Киев не гледа знаци за повлекување на руските сили од Херсон
Официјален Киев денеска објави дека во оваа фаза не гледа „никаков знак“ за повлекување на руските сили од Херсон, најголемиот град окупиран од Русите од почетокот на инвазијата. Градот беше цел на повеќенеделна контраофанзива на украинската армија.
„Не гледаме знаци дека Русија го напушта Херсон без борба. Дел од руските војници останаа во градот“, рече Михаило Подољак, советникот на претседателот на Украина, критикувајќи ги изјавите од Москва.