Наместо завршни зборови, денеска обвинителката Вилма Рускоска неочекувано на судењето за настаните од 27 април најави дека направила измена во обвинението. Таа измените ги достави на судот без да каже за што се однесуваат. На ова реагираше одбраната на обвинетите дека мора да бидат запознаени со измените и да им се даде можност за контра докази.

Во новите измени со кои обвинителката реши да го збогати обвинението откако постапката е завршена, се вели дека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, заедно со Спиро Ристовски, ги организирале протестите, чија цел било да се спречи изборот на нов претседател на Собранието по секоја цена. Русковска тврди дека по насока на поранешниот премиер, тие се грижеле за тоа во кој град во колку часот ќе започне протестот и дека дури и биле организатори на протестите, а не како досега дека само контактирале со општинските комитети за да повикаат на масивност. Според неа, Јанакиески дури и му дал насоки на Крсто Мукоски да застане пред оној што чита за да се оневозможи изборот на Џафери.

Од одбраната бурно реагираат на ваквиот потег од Русковска, која со ова обвинение во последен момент, всушност ги спречува обвинетите да се изјаснат за новите измени – дали се чуствуваат виновни. Тие прашуваат зошто не е реотворена јавната расправа, кога станува збор за големи промени и измени во обвинијата, за кои досега не беа понудени никакви материјални докази.

Гоце Ристевски, адвокат на Спиро Ристовски во образложението на измената на обвинението од страна на Вилма Русковска вели дека ова не се мали туку суштински измени на обвининелниот акт.

-Затоа бараме одложување на главната расправа да имаме време да се подготвиме за новите околности, рече Ристевски пред судот.

Со сличен став е и адвокатот Дончо Наков.

-На обвинетите не им беше дадена можност да се произнесат за вина, да достават контра докази и аргументи и затоа бараме одложување, вели Наков.

Измената на обвинителниот акт е пораз на истрагата. Одбраната со своите докази успеа да докаже дека оние дејствија што им ги ставаат на товар на обвинетите не ги сториле и затоа сега Обвинителството посегнува по нови, смета адвокатот Еленко Миланов.

-Затоа сега Обвинителството користи нови дејствија по кои одбраната ниту се произнела ниту понудила контра докази. Затоа сметам дека ова е триумф на одбраната бидејќи она што се тврдеше дека е сторено веќе не постои. Сега имаме сосема ново дејствије. На кој начин е сторено терористичко загроување, со насилство или со уметници на протести-прашува Миланов.

Судот ги прифати барањата на одбраната и закажа рочишта за 6 и 12 јули.