Јавната обвинителка Вилма Русковска смета дека не е поразена со одлуката на дисциплинската комисија со која се бара нејзино разрешување од обвинителската функција.
– Ќе се борам до крај со сите средства, изјави Русковска за Макфакс и посочи дека одлуката била донесена уште кога била на сослушување во Обвинителство.
На потпрашањето што ќе прави ако ѝ ја одбијат и жалбата, Русковска одговара со фразата „отом потом“. А на прашањето дали се покаја што не отиде во пензија вели „не, не, апсолутно не сум се покајала, апсолутно не“.
– Не се плашам. Секое судење чини многу. Не сум во ситуација за судење да давам пари. Ги немам тие пари, како што рече Боки 13 дека сум имала 4 милиони (алудирајќи на рочиштето каде Боки 13 ја обвини за корупција од 4 милиони). Морам да си водам сметка за секој денар. Не би сакала да се најдам по судови, вели Русковска за Макфакс.
Одговарајќи дали ќе се најде пред судови ако спомене било чие име, одговори „да, да“.
– Не, јас не сум политичар и не сметам дека е политичка нарачка. Ова е борба помеѓу правото, правдата и неправдата. Во Македонија не постои политички прогон и позади тоа цврсто стојам. Политички прогон било ’48 за време на Информбиро. Кај нас не постои политички прогон, тврди Русковска.
Целиот текст на Макфакс може да го прочитате ТУКА.