Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за ,,Макфакс” вели дека нема причина да се сомнева на наодите на Бирото за јавна безбедност за опасноста од бегство на Митко Чавков.

,,Нема потреба да се правдаме. Обвинителството постапува по известување од полицијата”,
рече Русковска која додава дека немаат причина да се сомневаат во полицијата.

Ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, вчера заврши во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Судот на Чавков му одреди притвор поради тоа што до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција стигнале оперативни податоци од полицијата дека планира да бега.

Решението за одредување на мерка притвор за поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, се базира на службена белешка од сознанија добиени од негов пријател. Според оперативните сознанија на Бирото за јавна безбедност, Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.

Ќерката на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, го повика Обвинителството да даде доказите дека татко ѝ поседува вила на Халкидик и дека планирал да бега. Според Зорица Чавкова, Обвинителството работи под присила на, како што ги нарекува, нарачателите и дека тие ќе бидат разоткриени.