Катица Јанева како шефица на СЈО во три наврати давала сугестии за случајот Поштенска банка. Не мешала прсти кој да биде кривично гонет, обвинителот Бурим Рустеми сам ја реализирал истрагата. Но, според неговото сведочење во суд Јанева во првата прилика му сугерирала на Рустеми да потпише позитивно мислење за да им бидат вратени пасошите на бизнисмените Томе Главчев, Ратко Димитровски и Коле Смилевски, за кои претходно СЈО побарало и притвор, објави 24 вести.
– Се сеќавам дека еднаш Катица Јанева побара да му се врати пасошот на Главчев со гаранција со имот – машини за кошули од еден милион евра и јас се согласив, во дискусија со колеги заклучив дека е во ред замената со оглед на висината на гаранцијата, истакнал Рустеми.
Втората сугестија која Рустеми ја добил од шефицата била да не се замрзнува еден стан, од целокупниот имот во Поштенска банка. Јанева рекла дека станот е веќе купен од нејзини пријатели. Всушност обвинителот разбрал дека станот го купил нејзиниот пријател и тогашен директор на МЕПСО – Сашо Василевски. Но, ова сведочење остана само внатре во судницата.
Интересно е што Василевски го купил овој стан само три дена пред да биде замрзнат имотот на осомничените во Поштенска банка. Истрагата веќе била отворена на 13 октомври 2018-та година, а Василевски се подновил со стан од 109м2 на 30 октомври и тоа токму од осомничениот сопственик на фирмата „Бент тон“ ДООЕЛ експорт-импорт од Гевгелија, Томе Главчев. Василевски беше сменет од директорското место од Заев, без образложение, а неговата ќерка во 2017-та година е вработена во СЈО.
Клучното барање од Јанева до нејзините колеги за Империја и Поштенска банка се случило кога на состанок побарала од Стефанова и Рустеми да ја пресметаат штетата што осомничените треба да ја платат, но да не одат во затвор. Рустеми сведочеше дека ова се случило откако било донесено Начелното правно мислење во Врховниот суд, кој го прогласи СЈО за ненадлежно за истрагите поднесени по 30 јуни 2017-та година. Ова според него било апсурдно бидејќи судот нема да прифати таква спогодба.