Со нашата поддршка за Украина вршиме притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и помагаме за зајакнување на украинските капацитети со цел земјата да може да одврати каква било руска агресија во иднина, а со тоа јасно придонесуваме и за зголемување на нашата сопствена безбедност, изјави генералниот секретар на НАТО на почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел, на кој учествува и македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски.

– НАТО продолжува да и помага на Украина да се одбрани. Тоа ја вклучува и најновата иницијатива на НАТО која веќе насочи две милијарди долари американска опрема во Украина, платена од сојузниците. Но, има уште многу што треба да направиме, додаде Руте.

Тој нагласи дека затоа на денешниот состанок министрите ќе се осврнат на цврстата поддршка на НАТО за Украина, како и на „непоколебливите напори“ на американскиот претседател Доналд Трамп за обезбедување праведен и траен мир.

Според Руте, оваа министерска сесија ќе се фокусира и на зајакнувањето на способноста на НАТО за одвраќање и одбрана, врз основа на историските одлуки донесени на Самитот во Хаг за драстично зголемување на трошоците за одбраната и на одбранбеното производство.

– Ќе разговараме за напредокот во спроведувањето на новите цели за капацитетите на НАТО, осигурувајќи се дека ги имаме најдобрите вооружени сили подготвени да ги заштитат нашите луѓе, потенцира Руте.

Првиот човек на Алијансата додаде дека за зајакнување на безбедноста на сојузниците е лансирана и новата иницијатива на НАТО, „Источна стража“, а во исто време се работи и на справување со предизвиците поврзани со дроновите.

Воениот и индустрискиот сектор, според Руте, може „да одат рака под рака“, па затоа е потребен напредок за зајакнување на одбранбената индустриска база од двете страни на Атлантикот.

Фото: Архива