Нема безбедност без силна одбрана и нема да има трајна безбедност без безбедна Украина, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет што се одржува во рамки на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата, на кој учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски.
Според Руте, денешниот собир го претставува „последниот чекор на патот“ до Самитот на лидерите на НАТО во Хаг, што ќе се одржи од 24 до 26 јуни, па затоа министрите ќе мора „да се договорат за амбициозен нов сет на цели за способности, за да ги одржат безбедни своите една милијарда луѓе, со тоа што ќе ги одржат силни одвраќањето и одбраната“ на Алијансата.
– Значи, денеска ќе го подготвиме и новиот план за инвестиции во одбраната, кој потоа, се разбира, ќе го одобрат лидерите на НАТО на Самитот во Хаг, рече Руте.
Тој нагласи дека фокусот на состанокот ќе биде и на зголемување на одбранбеното производството, бидејќи членките на НАТО мора да произведуваат многу повеќе за да бидат способни да се одбранат.
– За да го направиме НАТО посилен, пофер и поборбен сојуз, треба да трошиме повеќе за да ги постигнеме овие цели. Но, за денес, главниот фокус е на целите, а потоа, се разбира, Самитот ќе одлучи за трошоците, додаде Руте во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот свет на ниво на министри за одбрана.
При пристигнувањето на министерскиот состанок во Брисел, Руте порача дека денешниот ден е клучен бидејќи ќе се решава за целите за зајакнување на способностите и за тоа како ќе се трошат парите за потребите на одбраната.
Фото: НАТО