Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска пред почетокот на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, за медиумите даде изјава околу дијалогот меѓу Украина и Русија.
-Путин направи грешка со испраќањето делегација од ниско ниво. Всушност, топката е во негов двор, тоа е многу јасно, тој мора да игра, во смисла дека мора да биде сериозен во врска со изнаоѓањето мир и целиот притисок е всушност врз него сега, рече Руте, осврнувајќи се на мировните преговори во Истанбул.
На прашањето што ќе се случи ако Путин не е подготвен за дијалог, Руте рече дека „го познавам многу добро, уште од времето кога бев премиер на Холандија. Направи голема грешка испраќајќи делегација на ниско ниво, многу е добро што Украинците седнаа на масата за преговори и испратија делегација која е многу подготвена да преговара за мир. Многу сум среќен за улогата што ја играат САД. Улогата што претседателот Трамп ја презеде за да ја деблокира целата оваа ситуација“.
На прашањето за посетата на регионот, Руте рече: „Имав многу добра посета на регионот. Исто така, имав многу добри разговори во Брисел со претседателот Вучиќ“.