Талибанците ги повикаа САД да не ја „дестабилизираат“ нивната влада во Кабул, во првите директни разговори меѓу Американците и талибанците по повлекувањето на Вашингтон од Авганистан, изјави талибанскиот министер за надворешни работи денеска во Доха.

„Ние јасно им кажавме дека дестабилизацијата на Владата во Авганистан не е добра за никого“, рече Амир Кан Мутаќи за авганистанската новинска агенција Бахтар.

“Добрите врски со Авганистан се добри за секого. Не треба да се презема ништо што би ја ослабило сегашната влада во Авганистан, што може да им донесе проблеми на луѓето”, рече тој во снимената порака преведена од АФП.

Во тек се дводневни преговори меѓу САД и талибанците

Изјавите доаѓаат на првиот ден од дводневните разговори меѓу талибанците и американската делегација во Катар, предводени од заменикот специјален државен пратеник на САД, Том Вест и шефицата на американската Агенција за меѓународен развој, Сара Чарлс.

САД се уште не ги коментираат изјавите на талибанскиот министер. Талибанците ја преземаа власта во Авганистан во август, кога САД се повлекоа од земјата, која беше во хаос, по 20 години окупација.