Новинарите кои известуваат за Пентагон и американската војска изразија незадоволство до американската Влада бидејќи не им е одобрен пристап до трупите од околу 3.000 американски војници, распоредени во Европа.
Новинарите сметаат дека им била ускратена можноста да ги интервјуираат членовите на новопристигнатите трупи кои биле испратени во Полска, Романија и Германија пред евентуалната руска инвазија на Украина.
Тие тврдат дека ваквите ограничувања се исклучително ретки во време на мир, а невообичаени дури и во активните воени зони, пренесуваат американските медиуми.
Здружението на новинари на Пентагон, кое претставува речиси 100 новинари кои известуваат за Министерството за одбрана, соопшти дека администрацијата на Бајден во суштина го забранила пристапот до новораспоредените трупи во Европа.
Во писмото до министерот за одбрана Лојд Остин и советникот за национална безбедност Џејк Саливан, групата го опиша одбивањето на пристап до медиумите како „спротивно на основниот принцип на слободата на печатот. Тоа е лоша услуга за американската јавност во чие име овие војници се распоредени во странство и е спротивно на ветувањата на претседателот Бајден за транспарентност“, се вели во писмото.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби вчера изјави дека одлуките за ограничувањата за известување се дел од пошироката стратегија на американската Влада за управување со украинската криза на „геополитичката сцена“ во потрага по дипломатско решение.