Американските вооружени сили апелираа до граѓаните да им помогнат да ги пронајдат остатоците од стелт авион што исчезна вчера.

Пилотот на Ф-35 вчера попладне се катапултира од авионот во државата Јужна Каролина. Тој преживеал, но американската војска не можела да го лоцира авионот. Тоа ја натера воздухопловната база во Чарлстон, Јужна Каролина да побара помош од жителите на државата.

-Доколку имате какви било информации кои би можеле да им помогнат на нашите спасувачки тимови да го лоцираат Ф-35, ве молиме јавете се во Центарот за борбени операции на базата, напишаа претставници на воздухопловната база на социјалната мрежа Х.

Официјални лица од воздухопловната база рекоа дека спроведуваат операции за пребарување, во координација со федералните воздухопловни регулатори, околу две езера северно од Чарлстон.

Борбен авион Ф-35, произведен од Локхид Мартин, чини околу 80 милиони долари.