Американската авиокомпанија Саутвест Ерлајнс објави дека поради зголемениот број на инциденти со патници, го одложува служењето на алкохолни пијалоци за време на летовите.
Компанијата планираше да продолжи со продажба на алкохолни пијалоци следниот месец на летовите кон Хаваи, а во јули и на останатите, но синдикатот кој ги застапува стјуардесите не се согласи.
Портпаролот на компанијата Крис Мајнц изјави дека продажбата на пијалоци е одложена „поради неодамнешното зголемување на бројот на инциденти во целата индустрија, со патници кои го нарушуваат патувањето“.
– Авиокомпанијата засега нема одредено нов датум за почеток на продажбата на алкохол, истакна Мајнц.
Претседателката на синдикатот на стјуардесите Лин Монтгомери изјави дека имало 477 случаи на „непристојно однесување“ од страна на патници во авионите на Саутвест Ерлајнс во периодот од 8 април до 15 мај.