Двата масовни оружени напада во САД, во кои за 24 часа се убиени 29 лица, ја поттикнаа политичката дебата во земјата за контрола на оружјето, а некои демократски претседателски кандидати го обвинија шефот на државата Доналд Трамп за предизвикување расни поделби, а пак тој порача дека „омразата нема место во САД“.
Нападот во Ел Пасо влијаеше на кампањата за следните претседателски избори, а повеќето кандидати на демократите го повторија апелот за построга контрола на оружјето, додека некои ги поврзуваат нападите со расниот национализам и идејата за супериорност на белата раса, како и ксенофобичната политика во САД.
Неколкумина претседателски кандидати сметаат дека Трамп е индиректно виновен за ситуацијата.
– Доналд Трамп е одговорен за ова, бидејќи предизвикува страв, омраза и нетрпеливост, изјави сенаторот Кори Букер.
Шефот на кабинет на Белата куќа, Мик Малвини ги отфрли наводите на демократите и за нападите ги обвини „болните“ поединци.
– Нема корист некој да се обидува од ова да направи политичко прашање. Ова е социјално прашање и како такво треба да се реши, истакна Малвини.
Од друга страна, за демократскиот претседателски кандидат Бет О’Рурки ова е лична работа. На прашањето на Си Ен Ен дали верува дека Трамп е бел националист, тој одговорил: „Да. Тој е расист и го охрабрува расизмот во земјата“.
Со тоа се согласил и сенаторот Берни Сандерс, кој истакнал дека се укажува оти САД има претседател кој е расист, ксенофоб и кој кокетира со идејата за супериорност на белата раса.
Иванка Трамп на Твитер напиша дека „идејата за супериорност на белата раса, како и сите други форми на тероризам, е зло кое мора да се уништи“.
– Не можеме да го решиме проблемот ако одбиваме да го именуваме: идејата за супериорност на белата раса, идеологија која ја охрабрува претседателот, кој пали оган на омраза и на белите националисти им испраќа порака за поддршка, вели поранешниот потпретседател на САД и демократски кандидат за претседател Џо Бајден.