Сирискиот претседател Ахмед ал Шара ја поздрави одлуката на САД за отстранување на Сирија од листата на држави спонзори на тероризмот, оценувајќи дека таа одлука претставува значаен чекор кон ублажување на санкциите и економско закрепнување на земјата.
– Денес Сирија се ослободува од темната дамка и отстранува болно поглавје од своето минато за да тргнат по патот на развојот, реконструкцијата и обновата – рече Ал Шара во својот говор, пренесе „Ал Арабија“.
Одлуката на Вашингтон ја поништи неколку децении старата ознака која подразбираше строги економски ограничувања, а Министерството за финансии на САД објави соодветно ублажување на санкциите.
Ал Шара изрази „голема благодарност“ до претседателот на САД, Доналд Трамп, и до земјите кои, како што рече, ја поддржувале Сирија. Сириските власти се стремат да привлечат инвестиции за обнова на земјата и инфраструктурата, кои се тешко оштетени за време на повеќе од една деценија граѓанска војна.
Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека одлуката ѝ отвора на Сирија „пат кон просперитет“ и ги отстранува последните главни пречки за инвестиции од приватниот сектор, економско закрепнување и реинтеграција на Сирија во глобалната економија.
Сирискиот министер за надворешни работи Асад ал Шајбани ја нарече одлуката „историска пресвртница“, наведувајќи дека таа ја одразува „посветеноста на новата сириска држава кон меѓународниот мир и безбедност“.
Министерот за финансии на Сирија, Мохамед Барније, го оцени овој потег како „успех на сириската дипломатија“, истакнувајќи дека тој отвора можности за поголема интеграција на Сирија во глобалниот економски и финансиски систем, привлекување инвестиции и модерни технологии, како и поддршка за развојот.




