Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина го повтори ставот на официјален Вашингтон дека косовската Влада треба да ја повлече одлуката за такса од 100 отсто за увозот на производите од Србија и од Босна и Херцеговина, јави МИА од Приштина.
Во изјава за телевизијата „Клан Косова“, од американското дипломатско претставништво во Приштина оценија дека „не може да се види оти Косово има некаква корист од оваа мерка“.
– Нашата позиција за таксата е непроменета. САД во континуитет бараат од косовското раководство веднаш да ја укине таксата на увоз на производи од Србија и од БиХ. Како што сме кажале и претходно, не гледаме дека Косово има некаква корист од таа мерка. Силно порачуваме да се преразгледа суштинскиот фокус на интересот на Косово – а тоа е европската иднина и нормализацијата на односите со Србија, се наведува во изјавата на Амбасадата на САД во Приштина.
Косовскиот премиер Рамуш Храдинај, пак, вчера повтори дека, и покрај барањето на Вашингтон, таксата од 100 отсто на српскиот увоз останува во сила, се до постигнувањето договор меѓу Косово и Србија.
– Денеска ќе ја укинеме таксата ако се дојде до договор за признавање. Но, може и никогаш да не се укине, доколку Србија не е подготвена за договор. Ова нема врска со Америка, туку се однесува на Србија и Русија, изјави Харадинај при вчерашната посета на Агенцијата за приватизација.
Од друга страна, вицепремиерот и шеф на косовската дипломатија Беџет Пацоли, во интервју за државната телевизија РТК, порача дека неговата Влада не смее да го игнорира барањето на Вашингтон и дека ќе побара од неговиот шеф, премиерот Харадинај, „да се разгледа можноста за укинување на таксата“. Пацоли порача и дека Приштина треба да биде „подготвена на компромиси“ и кога ќе дојде на дневен ред демаркацијата со Србија.
За укинување на санкциите се залага и претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој деновиве во интервју за „Вашингтон Пост“ рече дека Приштина може да ја разгледа можноста за повлекување на санкциите, „доколку добие јасни сигнали дека ќе се постигне договор со Србија“.