Седумдесет и едногодишен маж од Илиноис е обвинет за убиство на шестгодишно момче и повредување на 32-годишна жена во, како што наведе полицијата, злосторство од омраза поради што биле муслимани и поради војната помеѓу Израел и исламистичката група Хамас.
Полицијата ги пронашла жената и момчето во саботата наутро во дом во Плејнфилд, југозападно од Чикаго, се наведува во соопштението на Канцеларијата на шерифот на округот Вил. Детето било избодено десетици пати, како и жената која се здобила со повеќе убодни рани.
Детективите утврдија дека и двете жртви на нападот биле мета бидејќи биле муслимани и поради тековниот конфликт на Блиски Исток во кој се вклучени Хамас и Израелците, се наведува во полициското соопштение.
Нападот го пријавила жртва на нападот, која се јавила на телефон за итна помош за да пријави дека била нападната со нож од сопственикот на станот каде живеело семејството. Насилникот доби кривична пријава за убиство од прв степен, обид за убиство и тежок напад со смртоносно оружје.
Според Советот за американско-исламски односи, повредената жена е мајка на убиеното дете. Исламската организација за граѓански права го опиша случајот како „наш најлош кошмар“ и дел од вознемирувачкиот пораст на повици и мејлови кои содржат говор на омраза од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас.