„Нејшнл џиографик“ (National Geographic) ги отпушти своите последни вработени новинари и најави дека од следната година повеќе нема да се продава на киосците во САД, но ќе продолжи да објавува месечни изданија.
Откази добија 19 вработени новинари, а редакцијата отсега ќе биде составен од хонорарни уредници и соработници
„Нејшнл џиографик“ најави дека сепак ќе остави неколку вработени новинари и објасни дека кратењето на трошоците го вовела матичната компанија Дизни.
– Промените во бројот на вработени нема да влијаат на квалитетот на нашата работа, но ќе ни овозможат поголема флексибилност да раскажуваме различни приказни и да се дружиме со нашата публика преку нашите многубројни платформи. Секоја инсинуација дека овие промени негативно ќе влијаат на списанието или на квалитетот на нашето известување едноставно се неточни, изјави портпаролот на „Нејшнл џиографик“.
„Нејшнл џиографик“ е во сопственост на Волт Дизни од 2019 година. Списанието за природата, што се публикува 135 години, во изминатите години имаше повеќекратно намалување на работните места.
Списанието е основано од „Нејшнл џиографик сосајети“ (National Geographic Society) во 1888 година, беше продадено на „Твенти-Фрст Сенчари Фокс“ (Twenty-First Century Fox) во 2015 година. Дизни (Disney) се здоби со мнозински удел, кога ја купи компанијата „Твенти-Фрст Сенчари Фокс“ под контрола на Руперт Мардок за 71 милијарда долари во 2019 година.
Колекционерското списание имаше 12 милиони претплатници во САД и неколку милиони повеќе ширум светот во 80-тите години од минатиот век. На крајот на 2022 година, имаше помалку од два милиона претплатници во САД.