Соединетите Американски Држави подготвуваат „низа планови за непредвидени ситуации“ поврзани со Куба и остануваат подготвени да ги спроведат наредбите на претседателот Доналд Трамп.
Од Пентагон во одговорот на прашањето од руски медиуми дали САД планираат воена операција против Хавана, посочуваат дека нема да коментираат „хипотетички сценарија“, но потврдија постоење различни оперативни планови што би можеле да бидат активирани во случај да биде потребно.
Претходно американски медиуми објавија дека Пентагон веќе започнал подготовки за можна операција на Куба, повикувајќи се на информирани извори.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека САД немаат никакво оправдување за воена интервенција или обид за негово соборување од власта.
„Не гледам никакво оправдување за американска агресија или за каква било значајна операција против Куба“, рече Дијаз-Канел, додавајќи дека земјата ќе се брани во случај на напад.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е против каква било форма на притисок врз Куба.
„Куба е долгогодишен партнер и пријател на Русија. Не би сакале да видиме инвазија, блокада или каков било друг притисок врз таа земја“, изјави Песков.
Тој додаде дека Москва нема да ги коментира геополитичките цели на САД, нагласувајќи дека тие прашања се во надлежност на американското раководство.




