Американските власти се подготвени да обезбедат хуманитарна помош за народот на Авганистан, но ги повикуваат талибанците, кои ја презедоа власта во земјата, да ги исполнат своите обврски, вклучително и во борбата против тероризмот. Ова го изјави помошникот на претседателот на САД за национална безбедност Џејк Саливан на семинар во Советот за надворешни односи.
– Го поддржуваме Авганистан. САД се најголемиот донатор на Авганистан. Во последните неколку месеци дониравме повеќе од половина милијарда долари за хуманитарна помош во Авганистан преку Обединетите нации и невладините организации, рече тој. Саливан потсети дека Вашингтон не ги попречува структурите на ОН и невладините организации во обезбедувањето хуманитарна помош за Авганистанците.
– Разговараме и со талибанците и им кажуваме дека доколку сакаат да добијат директна помош од која било земја, вклучително и од САД, мора да ги исполнат своите меѓународни хуманитарни обврски, обврските за човековите права и нивните обврски за борба против тероризмот, објасни помошникот на американскиот претседател. – Досега, со оглед на она што го видовме, САД и меѓународната заедница треба да им пружат помош на Авганистанците само преку меѓународни институции и невладини организации, додаде тој.
На прашањето дали САД се подготвени да ги одмрзнат авганистанските средства, Саливан рече: „Авганистанските средства замрзнати во САД се под истрага и таа мора да биде завршена“. Во моментов, увери Саливан, клучното прашање е „доставување помош на луѓето низ целата земја со почетокот на зимата“. Ќе направиме се што е можно финансиски, логистички и оперативно за да обезбедиме помош, рече тој.