СAД ги повикаа сите актери во Црна Гора, и особено политичките лидери, да придонесат за смирување на зголемените тензии во државата.
По повод вжештената атмосфера во Црна Гора во пресрет на устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква Јоаникије во Цетиње, Стејт департментот соопшти дека „јавната безбедност е од суштинско значење“ и дека „сите, особено политичките лидери, треба да направат колку што е до нив да ги намалат, а не да ги разгорат тензиите“.
„Црна Гора е позната по тоа што се залага за толеранција. Сите нејзини граѓани треба да придонесат со цел да се одржи таа горда традиција”.
Во соопштението се додава дека САД ја поддржуваат слободата на вероисповед и изразување, вклучувајќи мирно собирање и непречена работа на новинарите.
Во Црна Гора, тензиите се зголемија во последните недели меѓу поддржувачите и противниците на устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетиње. Застапниците на устоличувањето во Цетиње наведуваат дека е апсолутно право на Митрополијата Црногорско-приморска да ја одржат церемонијата во манастирот Цетиње, нејзиното вековно седиште, додека противниците велат дека тоа би било „окупаторски чин во симбол на Црногорската духовна, државна и национална слобода“.