Врховниот суд на САД донесе одлука да и дозволи на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине пред истекот на крајниот рок Пописот на населението, кој се спроведува на секои десет години, и кој годинава беше нарушен со неколку прекини поради пандемијата, природни катастрофи и судски пресуди.

Одлуката на Врховниот суд го отвори прашањето кога ќе заврши пописот и дали малцинствата, имигрантите, сиромашните и другите ќе бидат точно преброени, со оглед дека и на претходните пописи нивната бројност беше намалувана.

Врз основа на податоците од Пописот се одредува колку места во американскиот Конгрес добива секоја федерална држава, и за тоа како се распределуваат 1.500 милијарди долари федерални трошоци секоја година.

Администрацијата на Трамп смета дека Пописот треба веднаш да заврши, за Пописното биро да има време да ја заврши својата работа до 31 декември, што е рок за ажурирање на податоците за распределба на местата во Претставничкиот дом на Конгресот на САД. Со почитување на рокот, администрацијата на Трамп ќе може да ги контролира бројките кои се користат за распределба на пратеничките места, без оглед на тоа кој ќе победи на претседателските избори следниот месец.

Коалиција на локалните власти и невладини организации со тужба побара пописот да се спроведува до крајот на октомври, со оценка дека пописот на малцинствата и други групи ќе биде нецелосен ако пописот заврши толку рано.

Врховниот суд донесе одлука за прекин на пописот, без да изнесе причина за тоа, а судијката Соња Сотомајор, со издвоено мислење, изрази несогласување со одлуката на Судот, оценувајќи дека малцинствата и останатите „несразмерно ќе го сносат товарот за каква било неточност“.