САД ја осудуваат бруталната тактика на Русија кон демонстрантите од опозицијата, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Блинкен повика на ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

„САД ја осудуваат континуираната употреба на руска брутална тактика кон мирните демонстранти и новинарите што се спроведува веќе втора недела и повторно повикуваат на ослободување на уапсените, вклучувајќи го и Алексеј Навални“, објави Блинкен на Твитер.

Руската полиција распореди голем број полицајци денеска и го блокираше пристапот до центрите на неколку градови во услови на нови демонстрации низ Русија со барање за ослободување на Навални.

Според невладината организација ОВД-Инфо, специјализирана за набудување на протестите во Русија, бројот на демонстранти приведени денеска за време на неодобрени според властите демонстрации низ целата земја е 2.300.