За време на потпишувањето на санкциите против Иран, американскиот претседател Доналд Трамп се обрати до друг ајатолах, а не до оној против кого се воведени санкциите, објави Ју-Ес-Еј-Тудеј.
Новите и построги санкции кон Иран вклучуваат ограничени мерки против врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хамнеи и десеттина останати високи воени и политички функционери.
Но при потпишувањето на санкциите синоќа, Трамп се обрати до друг ајатолах.
– Санкциите воведени со указ на претседателот кој сега ќе го потпишам не им дозволуваат на врховниот лидер и неговиот кабинет, како и неговите соработници, пристап до клучните финансии и поддршка. Парите на ајатолахот Хомеини и неговиот кабинет нема да бидат исклучени од овие санкции, изјави Трамп.
Ајатолах Рухола Хомеини, чие име Трамп го кажа, всушност беше врховен лидер на Иран од 1979 до 1989 година, кога тој починал и е наследен од сегашниот врховен лидер Хамнеи. Врховниот лидер на Иран е најмоќната политичка и верска функција во иранската Влада.
Претседателот на Иран, Хасан Рохани, веднаш потоа во телевизиска изјава испрати потценувачки коментар до Трамп, изјавувајќи дека „Белата куќа е заразена од ментална ретардираност“.
Тој изрази жалење што под санкции е ставен и Мухамед Џавад Зариф, иранскиот министер за надворешни работи, укажувајќи дека со тоа „санкциите го затвораат каналот на дипломатијата“ во конфликтот меѓу САД и Иран.
Вашингтон наметна дополнителни санкции против Техеран откако иранската Револуционерна гарда собори американски дрон над Персискиот Залив. САД тврдат дека дронот бил соборен во меѓународни води, додека Иран тврди дека леталото навлегло во воздушниот простор на земјата.