Американските власти истражуваат кој испратил коверти со фентанил и други супстанци до членовите на избирачките одбори во неколку држави, што е последна во серијата закани со кои се соочуваат изборните службеници.
Вакви писма се пријавени во најмалку три американски држави, Џорџија, Орегон и Вашингтон.
Меѓу оние кои примиле писма имало и членови на одборот од округот Фултон, Џорџија, кој ја опфаќа Атланта и се смета за еден од најголемите гласачки области во државата што може да одлучува за избори, пренесува Гласот на Америка.
Секретарот на таа сојузна држава Брет Рафенспрагер рече дека дози од противотровот налоксон биле испратени до избирачките места како мерка на претпазливост.
– Ова е домашен тероризам и мора да биде осуден од сите функционери и оние кои сакаат да бидат тоа, рече републиканецот Рафенспрегер.
Властите во округот Лејн, Орегон истражуваат кој испратил писма со сомнителни супстанци во средата.
Ниту еден од членовите на одборот кои дошле во контакт со ковертите не претрпел никакви негативни здравствени ефекти, рече Девон Ешбриџ, портпаролка на изборната единица Лејн.
Официјални лица во државата Вашингтон соопштија дека четири избирачки места во средата биле евакуирани поради закани, што го одложило пребројувањето на гласовите.
Членовите на избирачките одбори во окрузите околу Сиетл добија писма со сомнителни супстанции, вклучително и фентанил. Во еден случај беше откриено дека станува збор за сода бикарбона.
Членовите на избирачкиот одбор на округот Пирс, исто така, добија порака што „имала врска со прекин на гласањето“, рече портпаролот на полицијата Вилијам Муз.
Тој додаде дека „не е воспоставена никаква поврзаност со ниту еден кандидат, верска група или политичко прашање“.
Секретарот на државата Вашингтон, Стив Хобс оцени дека станува збор за „акти на тероризам бидејќи изборниот процес е загрозен“.
Американското Министерство за правда и американската поштенска служба соопштија дека истражуваат што се случило.
Фентанил е дрога која е 50 пати посилна од хероинот и предизвика невиден број смртни случаи од предозирање во САД. Сепак, се покажа дека ризикот од смрт кога дозите се мали е многу низок.