Бројот на извршени самоубиства меѓу американските војници за време на пандемијата на коронавирусот се зголемил за 20 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на претставници на армијата, военовоздухопловните сили и експерти за психичко здравје во САД.
– Бројот на случаи со психички проблеми е зголемен. Не можам да тврдам дека е поради коронавирусот. Но има директна поврзаност: по ширењето на коронавирусот, бројот на самоубиства е зголемен, изјави американскиот секретар за армијата на САД, Рајан Макарти, додавајќи дека не станува збор само за поголем број на самоубиства, туку и на убиства и насилно однесување.
Како што соопштуваат вооружените сили, набљудуваниот тренд може да биде поврзан со зголемување на нестабилноста, како финансиската, така и психичката, бидејќи пандемијата го зголемила нивото на стрес меѓу војниците.
Во периодот од април до крајот на август почесто барале психијатриска помош и ветераните, чии симптоми на посттравматско стресно нарушување се влошиле.
Во САД досега се регистрирани над 7,1 милион заразени случаи со коронавирус и повеќе од 204.000 починати.