Околу 70 домашни и странски издавачи ќе учествуваат на 31. Саем на книгата кој под мотото „Читај!“ ќе се одржува од 8 до 14 мај во ВИП Арената „Борис Трајковски“.
Сања Кондарко, проект-менаџер на Саемот на книга, на средба со новинарите соопшти дека како и во минатите години, манифестацијата ќе понуди разновидни изданија – од белетристика до научни книги, енциклопедии, литература за деца, кои издавачите ќе ги продаваат по снижени цени. Ќе има и околу 30 промоции во Промотивниот центар во ВИП Арената.
Покрај македонски издавачи, ќе учествуваат и од Србија, Косово, Албанија, Данска, како и од Унгарија, која годинава е земја во фокус и чија книжевност ќе биде претставена на штанд на Унгарската амбасадa. Посетителите таму ќе имаат можност да се сретнат со авторите Едина Сворен и Ласло Багоши.
Амбасадорот на Унгарија Ласло Дукс рече дека литературните врски меѓу двете земји се цврсти, зашто има многу преводи со што многу автори од неговата земја им се достапни на македонските читатели, спомнувајќи го притоа и нобеловецот Имре Кертес. На 10 мај во Друштвото на писателите ќе биде организирана и трибина на која ќе учествуваат Паскал Гилевски и Златко Панзов – преведувачи на книжевни дела од унгарски на македонски јазик. Исто така, ќе биде отворена и изложба на илустрации од унгарски книги за деца.
Саемот на книга ќе почне да работи задутре (8 мај) од 10 часот, а истиот ден од 19 часот официјално ќе го отвори министерот без ресор задолжен за инвестиции Зоран Шапуриќ.
Цената на влезница е 30 денари, а групната е 20 денари. Работното време на саемската манифестација е од 10 до 20 часот.
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и оваа година заради полесен пристап на посетителите ќе воведе две вонредни автобуски линии со броеви 100 и 200 до ВИП Арена „Борис Трајковски“. Линијата 100 ќе поаѓа од населба Ново Лисиче, а бр. 200 од населба Дексион. Цената на автобуските билети е според официјалниот ценовник на ЈСП.