Образложувајќи го овој свој став, Сајкоски во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител рече дека ваквата реакција укажува оти судиите се во сериозна паника поради она што треба да го спроведат.

„Во однос на писмото и како тие реагираат, мислам дека писмото е повеќе насочено кон самите нив, а не кон ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со ваква реакција и со вакво писмо тие укажуваат дека кај нив се случува сериозна паника за она што треба да го спроведат“, изјави тој.

Претходно, одговарајќи на прашање дали во партијата се размислува дали и како треба да се одговори на реакцијата на судиите, а тоа да не се сфати како мешање во незвисната судска власт, генсекот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека проблемот не е во недостатокот на регулатива, туку во недостатокот на волја кај судиите и обвинителите за постапување.

„Ако имаме волја за постапување, тогаш можеме и да се подобриме. Не е секогаш причина регулативата, затоа што ако постапуваме и ако решаваме предмети, ако секојдневно се одлучува по предмети, тогаш ќе течат и работите. Кај нас проблемот е застојот во работата на судскообвинителските власти. Тоа е основниот проблем“, рече Сајкоски.

Надоврзувајќи се во делот од одговорот за писмената реакција на Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека она на што тие укажуваат како партија е дека без силна судска власт, не може да има силна влада.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како Влада, како политички чинители укажуваме на сите недостатоци и сакаме да се подобриме. Без силна судска власт не може да има силна влада. Затоа укажуваме да се подобрат работите и на таков начин да можеме да имаме заеднички резултати“, кажа Сајкоски.