По пребројувањето на гласовите од референдумот за разрешување на актуелниот лидер на Демократската партија, Љуљзим Баша, што го организираше историскиот лидер Сали Бериша, тој доцна синоќа се обрати пред седиштето на партијата, јави дописничката на МИА од Тирана.
Бериша рече дека се поклонува пред десетици илјади, односно 44 илјади демократи кои на плебисцитарен начин одлучиле за разрешување на Баша.
– Не Баша туку „брава” оди си, Лул Брава засекогаш оди си од раководењето на оваа политичка сила. Ова е заслужена казна за една несовесна личност, која највисоката обврска како лидер на опозицијата ја користеше за лични пазарења и ја третираше Демократската партија како негова сопственост. Ова е најодличното гласање кое пишува ново поглавје во историјата на револуцијата, рече Бериша.
Тој порача дека оваа револуција нема да запре, нема сила која може да ја запре.
– Сведоци сме на срамните обиди на нарко државата против овој величествен чин во плуралната историја. Доволно е да ве потсетам на појавувањето со часови на телевизиските студија на киднаперот (Баша) и слично. Не постои сила што може да ги запре луѓето во реализација на нивните цели за слобода и достоинство, додаде тој.
Претходно, на седница на Националното собрание на партијата свикано од Баша, на кое од 7.500 присуствувале 5.004 делегати беше донесена одлука со која Бериша е исклучен од структурите на партијата.