Русија сака да го поткопа Договорот од Преспа што го постигнаа Македонија и Грција, и ќе направи се што е во нејзина моќ за да го попречи членството во НАТО, изјави денеска американскиот заменик-државен секретар Џон Саливан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за руското влијание во регионот.
– Горд сум што стојам тука во име на САД да дадам поддршка за она што политичките лидери и граѓаните на Република Македонија го сакаат, а тоа е влез во НАТО и ЕУ. Не сме тука да потпалуваме нешто, туку да ја поддржиме одлуката што беше донесена под храброто лидерство на премиерот за членство на земјата во ЕУ и НАТО, рече Саливан.
Истакна оти не е тајна дека Русија се спротивставува на Преспанската спогодба и никој нема сомнеж дека ќе направи се што може во сопствен интерес наспроти интересот на граѓаните на Македонија, за да го поткопа процесот на спроведување на договорот.
– САД, меѓутоа, ја поддржуват и стојат зад Македонија, и не не изненадува руското влијание на патот што земјата го избрала. Руското влијание е видливо и во други земји во светот, па и нивното вмешување во изборите во САД во 2016 година е веќе познато, додаде американскиот заменик-државен секретар.
Нагласи дека САД имаат намера да им помогнат и на други влади во разоткривањето на сите активности што Русија ги презема со цел да ги поткопа легитимните и демократските процеси во државите.
На прашањето какви се ризиците Преспанскиот договор да не биде ратификуван во грчкиот Парламент, Саливан рече дека тоа е спогодба постигната од страна на двајца храбри лидери на двете земји и САД цврсто веруваат во спроведувањето на договорот.
Саливан потсети дека државниот секретар на САД Мајк Помпео пред неколку дена се сретна со грчка делегација, во рамки на стратешкото партнерство меѓу САД и Грција, при што ја нагласил важноста од спроведувањето на Спогодбата за двете земји, како за Македонија така и за Грција.
– Спроведувањето на оваа спогодба е важно за просперитетот на двете земји, за Грција и за Македонија. Двајцата премиери покажаа храбро лидерство и САД се горди на ваква спогодба што е постигната меѓу двете земји. И понатаму ќе продолжиме да го поддржуваме спроведувањето на спогодбата и тоа е една од причините за мојата посета на Скопје, рече Саливан.
Во однос на целосното спроведување на Договорот од Преспа, и дали има и минимален ризик да не успее тој процес, Заев рече дека најсериозна гаранција за успешноста на процесот е неговата инклузивност, преку која активно учество земаат огромен број на пратеници, а не само осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова беше потврдено уште при самата дебата за утврдување на потебата за отворањето на уставните измени, каде што беа вградени сугестиите на осумте пратеници, во втората фаза исто така кога се зборуваше за нацрт-амандманите, и во оваа трета фаза излеговме со амандмани во кои буквално е вградено се што беше во духот на договорот, што беше предложено и од македонските партии и од албанските политички партии. Тоа е најсериозната гаранција за имплементација на договорот, рече Заев.
Премиерот истакна дека успешната завршница на овој процес во Собранието е билетот на Македонија за влез во НАТО.
– Паралелно со овој процес нам ни останува да продолжиме со реформите во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација. Мораме да бидме сигурни дека до средината на наредната година, на Европската комисија во Брисел ќе испорачаме кредибилни резултати за да се потврди одлуката на советот на ЕУ, рече Заев.
Претходно на заедничката прес-конференција со Заев, Саливан рече дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа што го отвора патот на Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ и НАТО.
Тој искажа пофалби за премиерот Заев и за шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и за пратениците кои ги поддржаа уставните измени. Ги повика и другите парламентарци да дадат поддршка и да ги тргнат настрана теснопартиските цели и да ги следат националните интереси.