Францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара да учествува на претстојниот самит на БРИКС во Јужна Африка, не добил покана, пишува порталот „Њуз 24“.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса како претседавач со БРИКС испрати покани за самитот на организацијата до лидерите на 70 земји, но меѓу поканетите не се ниту Макрон, ниту лидерите на САД и Велика Британија.
Претстојниот самит на БРИКС, кој ќе се одржи во Јоханесбург од 22 до 24 август, ќе биде најголемиот состанок на лидерите на државите и владите на глобалниот југ во последните неколку години. На самитот беа поканети лидерите на 54 африкански земји. Рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува на сите состаноци на лидерите на земјите членки на организацијата во форма на онлајн конференција.
Централниот дел на самитот ќе се одржи на 23 август.
Претходно весникот „Опинион“, повикувајќи се на извори, објави дека францускиот претседател Емануел Макрон побарал од јужноафриканскиот претседател Рамафоза да му дозволи учество на самитот на БРИКС во август.