Обвинителството предложи само условна казна за вработените затворски службеници во КПУ „Скопје“, кои неовластено го снимаа поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков.
По спроведените истражни дејствија, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против две службени лица од КПУ Затвор „Скопје“ во Скопје.
На лицата, како што соопшти Обвинителството, им се става на товар дека сториле кривично дело „неовластено снимање“ од чл.152 ст.2 вв ст.1 од Кривичниот законик.
Од Обвинителството посочуваат дека на 30 ноември минатата година првообвинетиот како службено лице што било на стражарска кула го забележал оштетениот – поранешен функционер во МВР, искористил поволен момент и преку прозорското стакло без негова согласност го фотографирал, притоа повредувајќи му ја приватноста.
Фотографиите во приватна порака, преку социјалните мрежи ги проследил на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца униформирани полициски службеници.
Во предлогот за издавање на казнениот налог предложено е Судот на обвинетите да им изрече условна осуда и да им утврди казна затвор во траење од три месеци, што нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело во траење од две години.