Се осигурав на 10.000 франци, која сума по мојата смрт ќе ти биде испалтена, сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија!
Ова е последната порака што ја упатил велешкиот гемиџија Јордан Поп Јорданов – Орце, пред да си го одземе животот, на денешен ден, 30 април 1903 година во Солун.
Тој загинува херојски, во куќата во која живеел во Солун, откако ги употребил и последните бомби против османлиските војници кои го држеле под опсада. Орце е еден од најистакнатите гемиџии во познатите Солунски атентати од 1903 година и нивни водач.
Роден е 1881 година во Велес, помлад брат на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов. Се школувал во родниот град и Солунската гимназија.
На 29 април 1903 година Орце го активира динамитот во прокопаниот тунел и ја крева во воздух Отоманската банка, притоа внимавајќи да нема човечки жртви, што било мото на Солунските атентатори. Со експлозиите и минирањето на избрани објекти да се сврти вниманието на европската јавност за неправдата кон Македонија, а притоа да нема цивилни жртви.
Орцето, како што го викале блиските, бил голем идеалист. Тој и со својата смрт сакал да биде корисен за револуционерното дело и за својата татковина Македонија.
Тој непосредно пред Солунските атентати се осигурил во осигурителното друштво Њујорк на 10.000 франци и тоа на иметото Симеон Радев. Орцето го замолил Радев осигураните 10.000 франци, по неговата смрт, да му ги предаде на Борис Сарафов затоа што тој им помагал и им дал 10.000 франци на Гемиџиите.
Орце во писмотото до Радев напишал:
– Пред неколку месеци се осигурав на 10.000 франци. Сумата по мојата смрт ќе ти биде исплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија, напишал Орце.
Писмото на Орце до неговата сакана Кате
Сакана, единствена Кате
Кога ќе го читаш моето писмо мене веќе нема да ме има – јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но, во ситуацијава кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам.
Од првиот пат кога те видов, те засакав. Ти ми беше единствена радост, но чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана и ценета Македонија.
Те сакав со сите пори на моето тело. Чувствував потреба да те гледам, да го слушам твојот глас како звукот на цитрата. И сепак те одбегнував зашто ме плашеа честите средби со тебе ми ја ослабнуваа волјата ми ја смекнуваа десницата, зашто ти ми беше единствената врска со животот.
А не требаше ништо да ме врзува за него. Понекогаш бев груб дури и суров со тебе. Прости ми за грубоста и суровоста. Зад нив ја криев безграничната љубов, а срцето ми крвавеше. Верувам ќе ми простиш, ти си добра, а јас сега жалам што не бев подобар, повнимателен и понежен кон тебе.
Сигурно ќе прашаш: Неопходно ли е да умрам? За мене нема друг излез. Го поддржував пред моите другари ставот: Тој што не ги штеди животите на другите нема право да го штеди ни сопствениот живот. Знаев дека нашата акција ќе им причини смрт на многу невини луѓе, ќе донесе многу солзи и страдања. Зар по сето тоа што ќе го сториме јас ќе имам право да живеам?
Мислам ќе биде ниско и подло. Да умрам, за мeне е врховна повелба на мојата совест. И потоа мојата девиза беше – не зборови а дело, а крајот е тој што го краси делото.
Има и едно последно сообразување, не сакам да му причинам задоволство на непријателот да се гаври со мене да си подигрува. Зошто ми е живот лишен од слобода. Да тлее во некоја темна ќелија на Еди Куле или да се стопи под жешкото сонце на Сахара?
Не, претпочитувам да умрам! Со мојата смрт ќе им го фрлам на непријателите, поробувачите на мојата татковина, мојот безграничен презир. Како што живеев, така сакам и да умрам – скромно и чесно, до крај верен на себеси, сакав да бидам и останам и една целосна личност.
Треба да завршам. Времето не чека. Многу нешта навираат во мојата душа. Но, ќе ги чуеш. Така е подобро. Срцето ти претскажа што би сакал да ти пишам во овој последен час. Ќе мине време, раната ќе ти зарасне. Животот е посилен од се. Ти пожелувам, не, те молам да си најдеш друг маж, достоен за твојата љубов и нему дај му го своето срце и својата љубов. Дај му ги оние радости што ги чуваше и ги намени за мене. Ти пожелувам да бидеш среќна.
Понекогаш во вечерните часови, кога спомените довеани од вечерните сенки ќе навлезат во твојата душа, спомни си за мене. Ти благодарам за тоа. Те прегрнува и те бакнува првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните.
Твојот Орце
(Подготвил: Д. Г.)