Шпанскиот премиер, Педро Санчез во интервју за „Политико“ порача дека „на местото на Тереза Меј без сомнеж би повикал на втор референдум“.
– Вистина е дека сме на раб на потпишување транзициски договор но би сакал британската Влада да закаже нов референдум. Не мислам сега, но во иднина за да се вратат во ЕУ, на друг начин но назад во ЕУ, изјави Санчез за „Политико“.
Ова е првпат премиер на влијателна земја членка на ЕУ да повика на втор референдум. Досега само премиерите на Малта и Чешка се изјасниле јавно за оваа можност. Другите шефови на влади, пишува „Политико“, се воздржуваат од вакви коментари од страв да не бидат обвинети за мешање во внатрешните работи на Лондон, јави МИА од Брисел.
Шпанскиот премиер сепак смета дека треба да се биде внимателен со референдуми за напуштање и дека излегувањето од ЕУ со 51 отсто гласови не е демократски.
– Ваквиот вид референдуми само ги поделуваат и поларизираат општествата, истакна Педро Санчез.
Тој жали за напуштањето на Обединетото Кралство, кое има „позитивно влијание“ врз ЕУ и смета дека напуштањето е „голема загуба“ за Европа.
Шпанскиот премиер во интервјуто вели дека двете страни се близу до договор за Брегзит и дека е можно да биде постигнат во декември.