Дарко Јаневски

Ова е разговорот на Борис Сарафов со новинарот на белградска Политика потпишан со иницијали Т.Ј.С. Разговорот е воден за Божиќ 24/25 декември 1904 година во Софија. Објавен е во бројот на Политика од 30 декември 1904 година. Извонредна можност да се запознаете со размислуваањата на една од најмаркантните личности на македонската револуција во тоа време. Во овие за нас бурни денови на предавства кон тие луѓе, интересно е што новинарот го претставува Сарафов како „македонски револуционер“. Еве го текстот на Политика интегрално, а обрнете вниамние на описот на неговиот лик, на односот кон војводите, на извонредно луцидниот одговор за улогата на странските сили, за сојузништвото меѓу турските и грчките чети итн. Се на се, едно извонредно сведоштво запишано во пивницата Црвен рак во Софија:

„Претстојувајќи за Божиќ во Софија, имав можност да се запознаам и да разговарам со познатиот македонски револуционер Борис Сарафов. Сега, преку зимата, тој живее доста повлечено, подготвувајќи се за пролетта.

Секој ја познава физиономијата на овој прочуен револуционер, чии портрети, своевремено, го имаше во сите светски илустрирани часописи. Неговото лице е со убав правилен облик, тука се тенките кратки црни мустаќи, зборот му е отсечен, и симпатичен. Мене посебно ме изненади со погледот, би рекол два погледа, еден кој гледа во мене, а друг, внатрешен, кој гледа во нешто што јас не можам да го видам.

За време на нашиот разговор во пивницата „Црвен рак“ приоѓаа неколкумина млади луѓе, поздравувајќи го и прашувајќи го со поглед. Тоа се неговите „војводи“ кои доаѓаат на разговор со „шефот“. Со краток гест и со два збора им порачуваше да го почекаат, додека го заврши разговорот.

Го прашав најнапред што мисли за резултатите од реформите (во Македонија, по Илинденското востание, н.з.).

-Резултатите, рече, досега не донесоа ништо за населението. Тоа и сега се наоѓа во истата ситуација како и пред реформите. Најдобар доказ за тоа е дека четите и натаму насекаде наоѓаат добар прием и поткрепа. Всушност, како може да биде поинаку. Австрија и Италија си ја гледаат „својата работа“, Русија не гледа ничија работа, па ни својата, а Франција и Англија мирно гледаат што прават овие првите.

-Дали сте ја прочитале изјавата на грчкиот министер Делијанис која ја објави Темпс пред некое време?, го прашав.

-Ја прочитав во некои овдешни весници, ми рече. Во целата изјава нема ниту еден факт за состојбата во Македонија.

-Што мислите за грчките чети во Македонија?

-Тие грчки чети, ми рече, тоа е една комедија што ја исценираа богатите грчки родољуби заедно со турските власти. Тие чети и турските власти имаат иста цел. Тие меѓусебно се помагаат. Турците ги водат од едно до друго место, им подготвуваат преноќишта и храна и на време ги известуваат за потерите. Оттука, се случуваат и вакви нешта: Ќе се слушне дека некаде има чета. Турците ќе тргнат во потера, ќе видат дека е грчка и ќе ја заробат. Ниту една наша чета досега не била заробена, а кај грчките чети тоа често се случува.

-Што мислите, која е целта на тие чети?

-Нивната цел е тројна. Прво да го тероризаат народот, да го одвратат од востание и така да го попречат остварувањето на „народното дело“ на подолг рок. Второ, да придобијат што повеќе народ за патријаршијата. и трето, да добијат што повеќе училишта и цркви и така да се претстават во Европа дека и нив ги има на тие места. Само по себе се подразбира дека сето тоа им е залудно, бидејќи кај народот нема реална основа за остварување на тие цели.

-Ќе има ли некакво движење напролет?, го прашав конечно.

-Засега не помислуваме на било какво општо востание. Четите ќе бидат поделени во одделни краишта. Но, ако Турците започнат со прогон, природно е дека сегашните мали чети кои бројат меѓу 15 и 20 луѓе, веднаш ќе се зголемат, ќе добијат по 80 до 100 луѓе и востанието може да прерасне во општо. Во тој случај најдобро ќе се види што значат грчките чети. Нив тогаш ќе ги снема, а ќе останеме ние и Турците едни против други.

Додека разговаравме, на соседната маса веќе седнаа четворица-петорица Борисови „војводи“ чекајќи разговорот да заврши. Јас станав, не сакајќи повеќе да го задржувам.