Бранко САРКАЊАЦ
Сликајќи го портретот на граѓанинот на FYROM јас и Александар Станковски во 1998 година ја парафразиравме Сартровата студија за Жан Жене во која тој се објаснува и разбира како определен од својата одлука да биде таков каков што го определуваат другите: Направивте од мене крадец. Добро, ќе бидам крадец, изјавува Жене. Тоа е измачувачкото битие-за-другите.
Сакате да бидам нешто друго (немакедонец) тоа е измачувачкото битие-за-другите на Македонецот. Животот, карактерот, грижите и желбите на Македонецот имаат објаснување во доживувачката стварност. И Македонецот сартровски го доживува погледот на другиот, тој не може да го поднесе погледот на секој што го прави немакедонец. Тој е свесен дека Другиот е постојано присутен како оној што не му дава/му дава да биде субјект и го прави необразован, прост, Бугарин, Србин, комунистичка измислица – како што Другиот го прави Жене хомосексуалец, крадец, перверзен. Така, Македонецот (како Жене) се презема од погледот на другите.
Но, ваквото преземање ја раѓа борбата да се поврати сувереноста, ја следи Сартровата фундаментална порака дека преземањето е измама, лоша вера. Од една сартровска позиција треба да постои само проект за самиот себе, а не (да го имам) за другите (како карактер што ми го припишуваат и што треба да го носам и не знам дали треба да го победам).
Жене ја надминува својата првична ситуација. Секоја негова книга, вели Сартр, е една криза на катарзичка опседнатост, една психодрама, со секоја книга тој станува сè повеќе господар над демонот што го опседнува. Десет години на литература кои вредат како едно психоаналитичко лечење (Сартр)… …Македонецот со секоја книга, секоја слика, секој филм, секоја песна, станува сè повеќе господар над демоните што го опседнуваат…
Како што Жан Жене е обземен со сувереноста, со настојувањето да се биде суверен, да се сака она што е суверено, тоа да се досегне, така и Македонецот ја споделува Женеовата обземеност. Неговата потреба за трансценденција е потреба да се отфрлат определбите што му ги дава другиот и да дојде до сопствената определба. Зашто, јас не можам да си бидам свој, при себе, вака, постојано под погледот на другиот? Дури кога ова прашање ќе има прост одговор како прашањето: зар можете да му кажете на Бразилијанецот, на оној што се родил, што израснал во Бразилија, дека не е Бразилијанец, и ќе гласи: зар можете да му кажете на Македонецот, на оној што се родил, што израснал во Македонија, дека не е Македонец? И ќе го очекувате истиот прост одговор, дури тогаш ќе бидам свој, при себе, а не обземен и опседнат. Дури тогаш ќе бидам во еден свет во кој разликата си е разлика, без да треба сензибилност за разлики.