Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспаретност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин. Меѓу останатото и она што често се коментира е да се обезбедат финансиски средства иако акцентот се става на платите, платите не се најголемиот проблем туку се условите за работа. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал, вели во изјава за МИА Ненад Савески, кој денеска Собранието треба да го избере за нов државен јавен обвинител.
Најважно за него е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следи нивната работа и да нема, како што вели, „фиока стоп систем“.
– Таа дигитализација можеби би била некоја програма која што би била „фиока стоп систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали нестостига помошен кадар за јавните обвинители, вели, меѓу другото Савески.
Не сака да издвојува ниту предмет со којшто би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител бидејќи за него сите се подеднакво важни зашто „се работи за човечки судбини“, но исто така нема да води селективна правда и секој предмет ќе се работи согласно закон и согласно роковите и принципите за работа.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме кусиот разговор со предложениот кандидат за нов државен јавен обвинител чиј избор се очекува денеска во Собранието:
МИА: Кои би биле првите работи што ќе ги направите по изборот за државен јавен обвинител и си давате ли некаков рок за нив?
– Јас сум сега некој од надвор. Сум бил некогаш во обвинителството и сега од надвор треба да дојдам. Прво, треба да ја согледам состојбата внатре, да ги видам условите за работа, да се запознаам со состојбите. Најбитна работа би ми била да воспоставиме некоја дигитализација со којашто би можела да се следи работата на обвинителите во предметот…Таа дигитализација можеби би била некоја програма која што би била „фиока стоп систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостаток на стручен кадар, на обвинители, дали нестостасува помошен кадар за јавните обвинители. Потоа да се прават планови да се види финансиската конструкција, потребите, да се види новиот закон, ако се донесе, како ќе помогне, да се стартува… Иако не се тие некои радикални измени, меѓутоа тие козметички измени да видиме каков ефект ќе имаат за подобрување на состојбите. Како и да е, не сметам дека со моето доаѓање на чело на Јавното обвинителство ќе почне и со моето заминување ќе заврши работата. Јавните обвинители и сега додека зборуваме ние, си ја работат својата работа, тоа е нивна законска обврска, тоа е нивна работа. Не мислам дека сега ова мое раководење со институцијата почнува и зависи од мене. Напротив, сметам дека заедно, сите ние обвинителите и сите други државни органи од кои зависи работата на Јавното обвинителство, ќе изградиме еден јак јавнообвинителски систем којшто ќе може да одговори на задачата, а тоа е откривање и гонење на криминалот, така што ништо не почнува и не завршува со мене. Напротив, тоа е институција која што си работи. Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспаретност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин. Меѓу останатото и она што често се коментира е да се обезбедат финансиски средства иако акцентот се става на платите, платите не се најголемиот проблем туку се условите за да се работи. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал.
МИА: Со кои предмети првично би се зафатиле со работа? Меѓу актуелните е оној со поранешниот вицепремиер Артан Груби, РЕК Битола или можеби некој постар предмет како бонусите на СЈО?
Тоа што е отворено како предмет тоа мора да дојде како завршница, дали таа завршница би била со запирање на истражната постапка или со поднесување обвинение пред суд, тоа се зависи од доказите во предметот. Стари предмети не може да отвораш ако тоа е пресудена работа. Си има законска регулатива за повторување на постапки, не зависи тоа од волјата или од очекувањата на некој. Кога има законски услови секако, кога нема законски услови тоа што важи за сите, оние популарни случаи во јавноста, важи и за сите останати. Во суштина јас сметам дека колку и да е некој предмет значаен или од интерес на јавноста не може фокусот да се стави на тие предмети, а да се занемарат другите предмети кои ете така да ги наречам се помалку важни. Секој предмет е важен, во сите предмети се решаваат човечки судбини и судбината на секој е еднакво важна, не може ние да се фокусираме на едни предмети, а да ги запоставиме другите. Токму тоа ми е интенцијата – секој предмет да си добие еднакво значење.
МИА: Значи не би издвојувале поединечно некој од предметите?
Па не би издвојувал зашто не сакам да оставам впечаток дека имам тенденција да водам селективна правда. Секој предмет ќе се работи согласно закон и согласно роковите и принципите за работа.
(МИА)




