По промените во компромисниот нацрт за резолуцијата за Газа во Советот за безбедност на ОН, гласањето денеска повторно е одложено.
Како што пренесе ДПА, неколку земји морале да се консултираат со нивните влади. Во разговорите зад затворени врати, некои членки на советот изразиле незадоволство од „разводнетиот текст за зголемување на хуманитарната помош за Појасот Газа“.
Текстот е резултат на интензивните преговори меѓу САД, Обединетите Арапски Емирати и Египет. Во изминатите неколку дена, преговарачите поминаа долг пат кон сојузникот на Израел, САД, за да спречат вето, а со тоа и неуспех на резолуцијата, коментира ДПА.
Текстот, во кој имала увид германската новинска агенција, го повикува Израел веднаш да дозволи безбеден и непречен хуманитарен пристап до Појасот Газа. Мора да се создадат и услови за одржлив прекин на насилството, стои во нацртот.
Членките на најмоќното тело на ОН постигнаа компромис за контроверзното прашање за тоа како треба да се проверуваат стоките: проверките треба да ги врши новоименуваниот координатор на ОН. Во соработка со сите учесници, овој координатор треба да обезбеди и забрзување на меѓународната помош.
Другите пасуси беа избришани под притисок на САД, вклучително и параграф со кој се осудуваат сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи ги и сите неселективни напади врз цивили и цивилни објекти. Итниот прекин на насилството, кој се бараше претходно за да се овозможи испорака на помош, исто така, го нема во најновиот нацрт.
Гласањето беше одложувано неколку пати поради закана од американско вето. Сепак, по големите отстапки што ги направија преговарачите, американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд изјави дека нема да стави вето на гласањето.
За усвојување потребни се најмалку девет гласа „за“ од 15-те членки. Право на вето имаат САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција.
Фото: СБ на ОН