Француските власти сериозно размислуваат веќе извесно време што да прават со нивните државјани кои се бореа на страната на џихадиситчката група Исламска држава (ИД) во Сирија и Ирак, кои во најголем дел се заробени од страна на силите на сириските Курди, јави дописникот на МИА.
Четири француски министерства – за внатрешни работи, за правда, за надворешни работи и за вооружените сили, ги разгледуваат начините за евентуално враќање на борците на ИД и нивните сенејства во Франција, чија бројка никој точно не ја знае, освен што говори за 100 до 300 лица, на различна возраст и пол.
Засега се разгледуваат три можни сценарија, но конечната одлука се очекува да дојде од Елисејската палата.
Првото сценарио предвидува француските џихадисти да бидат ослободени од страна на силите на сириските Курди. Имено, Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат курдските борци, кои ги заробија повеќе од француски џихадисти, сега се чувствуваат изневерени од страна на Американците, поради најавата за повлекување на американските војници од Сирија.
Курдските сили би можеле да ги ослободат заробениците со оправдување дека „вие нè не штитите повеќе, ние немаме повеќе средства да ги држиме вашите џихадисти“.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан јавно проговори за ризикот од неконтролирано враќање на искусните џихадисти. Ова сценарио е најлошо за Париз, па Франција ќе стори сé за да ја избегне оваа варијанта.
Второто сценарио е француските џихадисти да се пренесат во Ирак за да бидат судени. Нивниот трансфер од рацете на Курдите во Ирак е решение кое ќе и одговара на Франција. Француските затвореници ќе им бидат доверени на ирачките власти, а потоа ќе бидат судени и осудени на самото место. Овој аранжман веќе се случи во минатото, со заложба дека смртната казна нема да се применува.
Тоа би му одговарало на Париз, бидејќи француските власти повеќе нема да мора да се грижат за нивно враќање во земјата. За оваа можност веќе разговараше француската министерка за вооружените сили Флоранс Парлиовој при посетата на Ирак минатиот викенд, како и шефот на дипломатијата Ле Дриан на почетокот на февруари. Ако Ирак ја прифатил ваквата можност, засега не е познати што побарал Багдад во замена.
Третото сценарио е координирано враќање на џихадистите во Европа во организација на Американците. Ова ќе биде една од точките за кои ќе се разговара утре во Минхен, на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на антиџихадистичката коалиција.
Идејата е Американците, кои се единствените што располагаат со логистика за тоа, да ги донесат џихадистите во нивните матични земји, каде би им биле предадени на националните власти. Во Франција примопредавањата би се извршиле на аеродромот во Вилакубле.
Но, во овој случај има правен проблем, бидејќи трансферот правно може да се квалификува како „киднапирање“.