Помошник генералниот секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања, Урсула Милер предупреди на тешката хуманитарна ситуација со која се соочуваат жителите на источна Украина, каде конфликтот влегува во шестата година.

– Цивилите ја плаќаат највисоката цена. Повеќе од 3.300 цивили се убиени и речиси 9.000 се ранети откако почна судирот во 2014 година, изјави Милер.

Во извештајот до Советот за безбедност на ОН, таа наведува дека во тој регион се раселени 1,5 милиони луѓе.

– Хуманитарните последици се тешки. Во 2019 година ќе биде потребна хуманитарна помош и заштита за 3,5 милиони луѓе.  Многу од нив се старци, жени и деца, додаде Милер.

Таа тврди дека цивилите долж линијата на фронтот страдаат од физички и емотивни последици.

– Само во 2018 година забележани се 89 случаи на напади врз водоводната и санитарната инфраструктура, а во последните 12 месеци, 12 работници на водоводната служба се ранети во судирите и при експлозии на нагазни мини, вели Милер.

Таа смета дека страните во судирот мора да ги преземат сите мерки на претпазливост кои се во нивна моќ, за да ги избегнат или минимизират штетите на цивилите.

– Иако хуманитарните работници денес имаат поголем пристап до цивилите во однос на периодот од пред една година, особено во областите надвор од владина контрола, хуманитарниот пристап често е непредвидлив, изјави Милер.

Таа нагласи дека за 60 отсто од Планот за хуманитарен одговор минатата година не биле обезбедени финансиски средства. Како последица на тоа, како што вели, некои цивили имаат голема потреба за помош, не се во состојба да добијат храна и вода и да им се овозможи санитарна и здравствена заштита и лекови.

За Планот за хуманитарен одговор во 2019 година се потребни 162 милиони долари.