Еден припадник на затворската полиција од затворот во Идризово бил ранет откако синоќа нивното возило било пресретнато и нападнато при транспорт на затвореник кој била транспортиран поради лекарска помош.
Очигледно дека станува збор за добро планирана акција во која најпрво е исценирана потреба за лекарска помош на затвореникот, за потоа вооружена група да ја нападне затворската полиција и да го спаси осуденикот, објави ТВ 21.
Според неофицијални информации, возилото на затворската полиција се движело кон затворот Идризово, кога засега непознати лица со друго возило им го пресекле патот, удриле во возилото во кое бил затвореникот и имале вооружена пресметка со затворските полицајци.
При инцидентот ранет е еден припадник на затворската полиција, а притоа насилниците успеале да го одземат од полицијата и затвореникот, кој според неофицијалните информации што ги објавија повеќе медиуми бил осуден за убиство.
Официјално, еден од затворските службеници кои го превезувале грабнатиот затвореник од затворот Идризово бил застрелан во инцидентот кој се случи кратко после полноќ.
Напаѓачите биле вооружени, го застанале комбето со патничко возило „ауди“, под закана го одземале оружјето на двајцата службеници при што бил застрелан еден од полицајците, објави Инфомакс.
Како што дознава Инфомакс, станува збор за затвореникот со иницијали М.Б. од Тетово кој во затворот Идризово издржувал казна од 20 години за убиство.
Повредениот службеник бил префрлен во болница, застрелан бил во ногата.
МВР: Затвореник пукал во затворски полицаец и побегнал додека го носеле в болница
Затвореник од КПУ „Идризово“ ноќеска пред поноќ додека го носеле во болница пукал во затворски полицаец, го ранил и побегнал со друго возило.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, синоќа во 23:20 часот четворица вработени во Затворската полиција кои биле со комбе „Форд транзит“ побарале помош од полициски службеници од СВР Скопје.
-Според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М од КПУ „Идризово“ кон Ургентниот центар „Мајка Тереза“, на автопатот осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х од затворската полиција, пукал и го ранил. Потоа осуденикот побегнал со патничко возило „ауди“. Повредениот затворски полицаец е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош, се наведува во соопштението.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, за кој се уште нема информација од Управата за извршување санкции.
Потерница за избеганиот осуденик кој пукал во затворски полицаец
Управата за извршување на санкции, по синоќешниот случај во кој осуденик пукал во затворски полицаец и побегнал додека го го носеле во болница, најави дека ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот, како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан. Издадена е и наредба за распишување на централна потерница.
УИС во соопштение наведе дека синоќа околу 23,20 часот при спровод на осуденото лице Б.М (36) од КПУ Идризово во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ поради повреда на десната рака, на автопатот кон Скопје кај бензиската пимпа на Лукоил, службено возило било пресретнато од возило марка „ауди” со сива боја без регистерски таблички кое им го блокирало патот.
– Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот.Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило „ауди”. Вработените во затворската полиција го пријавиле случајот во СВР Скопје, појаснуваат од УИС.
Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување, а со учесниците на настанот извршени се разговори од страна на надлежните на МВР.
Осуденото лице Б.М од Тетово бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната ја издржува од 28.12.2020 година, а истекува на 17.04.2040 година.