Земјоделците ги добиваат своите картички за мерката „зелена нафта“, 200 милиони денари се враќаат кај 55.000 земјоделци, соопшти денеска СДСМ за мерката која ја спроведува.
– Распределбата на персонализирани картички за набавка на 30 отсто нафта за земјоделска механизација се одвива постојано и непречено. Се реализира клучната мерка „зелена нафта“ со која 200 милиони денари ќе се вратат назад кај земјоделците. Вкупно 55.000 земјоделци кои се регистрирани за обработка на градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади и поседуваат обработливо земјиште, а воедно поднеле единствено барање за субвенции по Програмата за директни плаќања 2018 ќе можат да набавуваат поевтина нафта за земјоделска механизација, се вели во сооопштението.
Во Македонија има 100.000 земјоделци, а картички за половината од нив.
– Пресметката за тоа, кој земјоделец колку ќе има на картичката, ќе зависи од видот на производството кое го пријавил за субвенции, највисокиот износ е лимитиран до 100.000 денари, а ќе може да се точи исклучиво „евродизел“ гориво за земјоделската механизација. Со персонализираната картичка и со расположливата сума им се намалуваат трошоците на земјоделците и повеќе пари остануваат за нив. Со намалување на трошоците на земјоделците, се мотивира и поконкурентно производство, а земјоделците имаат шанса да го зголемат своето производство, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.