Градоначалничката на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска покажа неспособност со тоа што два месеци од мандатот и поминаа во неработење и правење штета на граѓаните на Град Скопје, обвини денеска партијата СДСМ, во врска со проектите на нејзиниот градоначалник, Петре Шилегов.
Станува збор за два моста кои во време на мандатот на Шилегов почнаа да се градат без решени имотно-правни работи. Еден од нив почнува во населбата Аеродром и завршува во дворот на куќа од другата страна на Вардар, како и за „надземното метро“ или „трамвајот на на гумени тркала“.
Во продолжение го објавуваме целото соопштение од СДСМ.
Арсовска скандалозно го поништи проектот Бас рапид транзит за еколошки и ефикасен градски превоз на којшто се работеше три години со партнерите од ЕБОР.
Уште поскандалозна е нејзината најава дека нема да ги гради двата нови моста, мостот на булевар АСНОМ и мостот на улица Љубљанска.
Мостот на АСНОМ е во поодмината фаза и Арсовска само требаше да ја продолжи неговата изградба. Мостот го олеснува сообраќајот за Аеродром и Гази Баба.
Мостот на Љубљанска има целосен проект и средства обезбедени од Владата предводена од СДСМ преку ТАВ програмата. Важен за граѓаните на Карпош и Центар.
Со овој прекин на три капитални проекти само поради лични каприци, Арсовска покажува несериозно, нечесно и политикантско однесување кое е исклучиво на штета на интересите на граѓаните, на штета на развојот на Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ не може со невистинити податоци да ја покрие неспособноста, штетното однесување, разрешувањето на директори, прекинување проекти и низа други неуспеси на Арсовска.
Наместо да измислуваат алиби, Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се зафатат со решавање на проблемите и конечно да почнат да работат за интересите на граѓаните.
Центар за односи со јавноста на СДСМ