СДСМ денеска побара одговор од собранискиот спикер Талат Џафери зошто синоќа ја прекинал пленарната седница на која се одлучуваше за одземање на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељановски.
На прес-конференција во Собранието, координаторот на СДСМ и коалицијата Јован Митревски рече дека имало кворум за гласање и пратениците од мнозинството биле подготвени да донесат одлука со која ќе му се овозможи на судот да ги продолжи непречено своите процеси.
– Пратениците беа подготвени да овозможат правдата за 27 април да се тера до крај, но Џафери ја прекина седницата и не дозволи да има гласање за одземање на имунитетот на обвинетиот пратеник Трајко Вељаноски. Џафери, должи одговор на јавноста, на граѓаните, зошто ја прекина седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски и зошто дозволи да настане неред на синоќешната седница, истакна Митревски.
Додаде дека за Велјановски мора да важат истите процедури и правила како и за секој друг пратеник и оти Собранието мора да постапува како што постапувало секогаш за сите други пратеници кои биле обвинети и за кои се барало одлука за нивна одговорност.
– Поради ова, во Собранието денеска нема услови да продолжат останатите активности, рече Митревски.