Бранат нешто што не е нападнато и со тоа покажуваат колку се исплашени и несигурни, се истакнува во денешното соопштение на СДСМ со кое потврдуваат дека одбиваат да ја поддржат Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за Гоце Делчев.
Од владејачкиот СДСМ сметаат дека Гоце Делчев „не е нападнат“ во време кога, покрај со другиот дел од историјата, се врши политичка тргува и со неговиот лик и дело. Сведоци сме дека од официјална Бугарија Гоце Делчев е ставен во графата „Бугари“, меѓу кои и од актуелниот бугарски премиер Кирил Петков. Но, за СДСМ тоа не е напад, па затоа ја напаѓа опозицијата со вообичаените фрази и конструкции.
Во продолжение целото соопштение од Бихаќска:
ВМРО-ДПМНЕ нанесува штета на ликот и делото на великанот Гоце Делчев преку нивната таканаречена декларација.
Декларацијата е нивно политичко подметнување со цел да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните.
Оваа безидејна партија е против нашите евроинтеграции, во нивен стил повторно ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа покажуваат колку се исплашени и несигурни.
СДСМ нема да дозволи таквиот дилентантизам и несигурност да бидат пренесени на граѓаните.
Никој не заборава дека ВМРО-ДПМНЕ правеше споменици на Ќосето, дека на партиски настани воспева и слави личности како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други кои се спротивни на Гоце Делчев и на македонските интереси во тој период.
Ваквото политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес покажува дека нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за цел градење политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете земји.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да се засрамат и да ја повлечат оваа нивна срамна Декларација.
Центар за односи со јавноста на СДСМ