Електрична енергија оваа зима ќе има доволно, но од секој од нас зависи како и за што таа ќе се користи, соопшти денеска владејачкиот СДСМ, чие соопштение го објавуваме подолу:
АД ЕСМ во првите седум месеци од 2022 година произведе за 15 проценти повеќе електрична енергија во однос на истиот период лани. Зголеменото производство се должи на зголемувањето на производството од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј од 40 отсто, додека целиот план за производство за 2022 година е направен со 20 отсто.
И понатаму потребите за електрична енергија на ЕВН Хоум за граѓаните и малите потрошувачи ќе се задоволуваат исклучиво од наше сопствено домашно производство, без увоз на струја.
Во пресрет на прогнозираната најтешка зима на енергетски план во Европа, а со цел непречено снабдување со струја и пониски сметки, министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за безбедна зима“.
Во пребродувањето на кризата треба да учествуваат сите, а јавните институции мора да бидат пример за совесно однесување и мора да ја намалат потрошувачката на струја за 15 проценти споредено со истиот месец од минатата година.
Мерките кои важат од први септември годинава до 31 март 2023 година, меѓудругото предвидуваат да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици, да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да не се мести пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.
Мерките вклучуваат и препораки за заштеда на електрична енергија за приватните компании и за домаќинствата.
Со почитување на овие задолженија и препораки ќе се намали потрошувачката на електрична енергија, ќе се намалат сметките за струја и нема да дојде до загрозување на редовното снабдување на електричната енергија.
Центар за односи со јавноста на СДСМ